Барселона на колена – Кил е новиот шампион на Европа

Кил е новиот европски шампион откако „зебрите“ во вечерашното финале во „Ланксес Арена“ ја совладаа фаворизираната Барселона со резултат 33-28. Каталонците беа без пораз уште од септември 2019 година, оваа серија им ја додели и фаворитската улога во ова финале, но германскиот состав одигра извонреден натпревар, го диктираше темпото од почеток до крај и заслужено стигна до пеехарот. Воедно, Филип Јиха испиша нови страници во ракометната историја станувајќи првиот што станал европски првак и како играч и како тренер на ист тим.

Чави Пасквал се реши да му даде предност на Мелер пред Де Варгас, но данскиот голман немаше свој ден како што тоа беше случај на вчерашното полуфинале со ПСЖ. „Зебрите“ наметнаа одлично темпо, а не излегоа од ритам ниту по големиот проблем, откако Сагосен веќе во 10. минута го заработи второто исклучување. Избраниците на Јиха го диктираа темпото, поведоа и со „плус четири“, но по влегувањето на Гонзало Перез де Варгас каталонскиот гигант успеа да се врати (15-15). Се чини пресуден беше финишот од првото полувреме, во кое не само што Кил не падна, туку повторно влезе во серија и на одмор замина со водство од 19-16.

Советите на Пасквал на паузата не вродија со плод, па Барса во првите седум минути од второто полувреме постигна само еден единствен погодок. Голманот Ландин влезе во ритам за Кил, одржувајќи ја предноста дури и во периодот кога нападот, па и оној „седум на шест“ на германскиот тим не беше на посакуваното ниво. Германците шест минути беа без постигнат погодок, Барса дојде на 26-23, но Вајнхолд со проектил ја прекина „црната серија“, за „плус четири“ за Кил на осум минути до крајот.

Чави Пасквал го зеде последниот тајмаут на четири минути до крајот, при резултат 29-26 за Кил. Циндриќ веднаш изнуди пенал, но Абелјо во најлош момент го промаши првиот седмерец на мечот. „Зебрите“ го искористија ова, Пекелер изнуди пенал и исклучување, по што Кил стави печат на триумфот, на крајот изразен со конечни 33-28.

Покрај извонредниот Ландин на голот, најзаслужни за победата беа Екберг со осум и Сагосен со седум погодоци. Во редовите на Барселона најефикасни при вечерашниот пораз беа Абелјо со десет и Мем со четири погодоци. Целосно потфрли Арон Палмарсон, кој постигна еден гол од пет обиди, додека Циндриќ го заврши финалето со скромни три постигнати погодоци.

Се вчитува...