Барселона најверојатно нема да реализира други големи трансфери до крајот на летниот преоден рок, освен доколку успее да го доведе Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид.
Според информациите на „Марка“, аргентинскиот напаѓач останува единствената опција која каталонскиот клуб ја разгледува за засилување во нападот. Доколку трансферот не се реализира, Барселона нема да бара алтернативно решение во последните денови од преодниот рок.
Каталонците сакаат да ги зачуваат финансиските средства за јануарскиот преоден рок, кога би можеле да реагираат доколку во првиот дел од сезоната се појави потреба од нов напаѓач. На одлуката ќе влијаат формата на тимот, бројот на постигнати голови, евентуалните повреди и ситуацијата на трансферниот пазар.
Тренерот Ханси Флик засега е задоволен од тоа како функционира неговиот тим. Барселона на првите два натпревари во Ла Лига постигна седум гола и не прими ниту еден, па клубот нема намера да прави потези по секоја цена.
Сепак, ситуацијата би можела да се промени доколку клубот успее да реализира некоја продажба. Барселона очекува за Марк Касадо да добие меѓу 25 и 30 милиони евра, додека Ектор Форт е проценет на околу 15 милиони евра. Во таков случај би можело да има простор за уште едно засилување, доколку Флик инсистира на тоа.
Во меѓувреме, Флик и спортскиот директор Деку разговараат и за можностите за ангажман на централен дефанзивец, но евентуалното засилување ќе зависи од финансиската ситуација и можноста клубот да ги исполни условите за финансискиот фер-плеј.
Што се однесува до Алварез, Атлетико неодамна јасно стави до знаење дека не сака да преговара со Барселона за трансферот на аргентинскиот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
