Барселона преживеа во Истанбул, Жалгирис ја доби драмата со Панатинаикос среде Атина

Барселона стигна до триумф од 71-79 на гостински терен против Дарушафака во Истанбул во 4. коло од Евролигата, благодарение само на одлично одиграната последна четвртина од мечот.

Барса одлично го отвори мечот брзо поведувајќи со 3-13, но домашните потоа заиграа далеку поангажирано и веќе до крајот на третиот период целосно успеаја да стигнат до пресврт и да водат со 64-58.

Се мачеа Шпанците, но сепак составот на Светислав Пешиќ одлично одигра во последната четвртина која ја доби со 7-21 и заслужено стигна до победата. Ова е втора победа за Барса во четири меча, а Дарушафака досега е со скор од една победа и три порази.

Крис Синглтон со 18 поени ја водеше Барселона до победата, а поен помалку имаше Анто Томиќ. Кај домашните Мајкл Ерик мечот го заврши со 17 поени, а покрај него двоцифрен беше уште само Стентон Кид.

Панатинаикос, пак, изненадувачки загуби во Атина на домашен терен од Жалгирис по продолжение со 83-87.

Во регуларниот дел мечот заврши 76-76, откако домашните успеаја некако во последната четвртина да стигнат до продолжение. Сепак, Жалгирис во продолжението беше подобар тим сосема заслужено стигнувајќи до победата.

Брендон Дејвис со 18 поени ги водеше Литванците до победата, а 14 поени постигна Томас Волкап. Кај Панатинаикос не помогна ниту одличната партија на Ник Калатес од 22 поени, пет асистенции и четири скока.

Се вчитува...