Барселона се засилува со Фабрегас

Пикерот на француската репрезентација, 20-годишниот Лудовик Фабрегас е ново засилување во Барселона. Според „Л’ Екип“, Фабрегас во Барселона ќе се пресели од 2018 година кога му истекува актуелниот договор со Монпелје, но постои можност каталонскиот тим да го откупи договорот на францускиот талент и трансферот да реализира уште ова лето.

Фабрегас е еден од најголемите ракометни таленти во светот. По забележителниот настап за француската репрентација на СП во јануари, неколку европски клубови беа заинтересирани за Фабрегас. Најатрактивни меѓу нив се понудите од ПСЖ и од Барселона. Иако ПСЖ имал финансиски подобра понуда, Фабрегас сепак, ја избрал Барселона поради неговото каталонско потекло и семејната наклонетост кон Барселона.

Францускиот репрезентативец е втор играч од Монпелје што се сели во Барселона. Уште во јануари беше официјализиран договорот со словенечкиот десен бек Јуре Доленец кој од следната сезона во Барса ќе го замени Кире Лазаров.

Фабрегас ќе биде четвртиот Французин во составот на Барселона во кој сега се Седрик Сорендо, Дика Мем и Тимоти Нгесан. Според француските медиуми, во каталонскиот тим наскоро може да се приклучи и десното крило на Селестат, 20-годишниот Јанис Лен. Тој има договор со Селестат до 2018 година, со клаузула дека соработката може да биде предвреме прекината со обесштетување од 50.000 евра. Лани Барселона плати 100.000 евра за да го откупи договорот на Дика Мем со Трембле.

Се вчитува...