Барселона тргна по Вуко Борозан!

Големи се шансите дека Вардар и во наредното лето ќе остане без еден од клучните играчи, откако Барселона покажа сериозен интерес за да го доведе во своите редови Вуко Борозан. „Црвено-црните“ на крајот од минатата сезона ги напуштија бројни асови предводени од Штербик и Циндриќ, а Борозан би можел да го продолжи тој тренд.

Барса игра извонреден ракомет сезонава и се наметна како еден од фаворитите за трофејот во Лигата на шампионите, но тренерот Пасквал инсистира и на дополнително засилување на ростерот. Според трофејниот тренер, Борозан би претставувал идеално засилување за неговиот тим, а раководството на Барселона веќе стапило и во контакт со челниците на Вардар.

Првичниот „напад“ е одбиен, но со оглед на финансиските проблеми и нестабилноста на Вардар на овој план, многу лесно може да се случи Борозан да го напушти Скопје. Речиси сигурно е дека тоа нема да се случи во текот на сезонава, па разговорите се водат за трансфер во текот на летото, но што би бил договорен и официјализиран однапред, веќе во следните неколку месеци, нешто што е честа пракса во ракометна Европа.

Вардар игра одлично и оваа сезона во Лигата на шампионите, моментно се наоѓа на второто место во групата, но заканите за нови финансиски турбуленции придонесуваат голем дел од играчите да ги разгледуваат опциите за заминување на крајот од сезонава.

Се вчитува...