Барселона во последен миг ќе се обиде да го купи Месут Озил

Шпанскиот гигант Барселона ќе се обиде да го искористи последниот ден од летниот преоден рок во Ла Лига (трае до 1.септември на полноќ) за да го купи поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Месут Озил, кој е член на англискиот премиерлигаш Арсенал. Каталонскиот клуб не успеа во намерата да го добие Фелипе Кутињо од Ливерпул, иако и за него има време до полноќ, меѓутоа раководството на „црвените“ останува на цврстиот став дека нема да му дозволи трансфер на „Камп Ноу“. Оттаму Ернесто Валверде, во потрагата по квалитетен играч за врска сега ќе се насочи кон Озил.

Германецот има уште една година од актуелниот договор со Арсенал, па Барселона верува дека со понуда од околу 60 милиони евра оваа зделка би можела да се реализира. Арсен Венгер одолеа на понудите за Алексис Санчез од Манчестер сити и од Манчестер јунајтед, но и тој денеска би можел да заврши во еден од двата шпански гиганти, Реал Мадрид или Барселона.

Како можно засилување за Барселона се споменува и Ријад Марез од Лестер.

Се вчитува...