Баскет Кам ја доби драмата против Бадел за одбрана на трофејот во Купот на Македонија

Баскет Кам успеа да го одбрани трофејот во Купот на Македонија откако во реваншот од минатогодишното финале повторно славеше над Бадел 1862, овој пат по продолжение со 61-64. Натпреварот беше решен во последните секунди, а херојката на составот од Македонска Каменица е Алексиќ чија мирна рака од линијта за слободни фрлања го постави конечниот резултат.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од теренот во кое подобро се снајдоа скопјанки кои благодарение на серијата од 7-0 предводена од Стојановска, Трајчевска и Максимовска поведоа со 19-12 по 10. минути игра. Бадел не успеа да го пренесе добриот моментум и во втората четвртина во кој за повеќе од четири минути постигна само два поени, а тоа го искористи Баскет Кам кој од минута во минута ја топеше предноста на скопскиот состав. Добриот ритам на составот од Македонска Каменица продолжи и до крајот на првото полувреме за предност од 30-37.

Отварањето на второто полувреме ја врати изедначеноста на паркетот, но во неа Бадел не успеа да го наметне своето темпо за да ја врати и резултатската неизвесност. Баскет Кам имаше одговор за секој поен на „жолто-сините“ па не само што не дозволи намалување на предноста, туку истата ја зголеми и на 40-49 по крајот на третата четвртина. Тоа што не успеа да го направи Бадел во третата четвртина, успеа во одлучувачката. Серијата од 10-0 донесе водство за „жолто-сините“ (50-49), но и Баскет Кам навремено ги консолидираше своите редови за неизвесност до самиот крај. Стојановска изедначи на 58-58 на 24. секунди пред финишот, а последниот напад им припадна на избраничките на Јордановски. Антиќ се обиде за три во последата секунда, но не успеа да погоди па натпреварот заврши со дополнителни пет минути.

Во нив одбраната беше ставена на прво место, а мирната рака на Алексиќ од линијата за слободни фрлања со 12. секунди до крајот на натпреварот беше пресудна. Последниот напад му припадна на тимот на Бадел, но овој пат Стојановска не успеа со тројка да донесе ново изедначување за нови пет минути.

Пуљизовиќ беше предводничкна на Баскет Кам со дабл-дабл од 23 поени и 18 скока, додека неа ја следеа Алексиќ со 15 поени и 8 асистенции и Тасевска со 10 поени. Стојановска беше лидер на Бадел 1862 со 22 поени и 7 скока, додека Трајчевска оствари дабл-дабл од 16 поени и 14 скока на кои додаде и 5 асистенции.

Се вчитува...