Давид Алаба и сезонава беше меѓу најстандардните фудбалери на Баерн Минхен, но австрискиот репрезентативец се наоѓа пред заминување од „Алијанц Арена“ по најновата рунда неуспешни преговори за продолжување на соработката со баварскиот гигант. Тој веќе одби неколку понуди за нов тригодишен договор, најнезадоволен е поради фактот дека упорно во Баерн игра во одбраната иако омилена позиција му е во средниот ред, а токму таквиот став предизвика дополнителен бес меѓу раководството на баварците.
Тој во најскоро време ќе биде ставен на трансфер-листа, откако на челниците на Баерн им пукна филмот и решија да не губат повеќе време во преговори со одличниот лев бек. Алаба има уште една година од договорот со германскиот првак и токму тоа е причината поради која тој ќе биде ставен на трансфер-листа, за што поскоро да биде продаден и да не се ризикува тој следното лето без никаква отштета да си замине од „Алијанц Арена“.
Баварскиот гигант го проценува Алаба на 50 милиони евра, сума што за вакво врвно засилување можат да си ја дозволат бројни клубови. Во преден план се ПСЖ и Манчестер Сити, а според последните информации во трката се очекува да се вклучи и Интер, како и Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА