ББЦ објави: Сите англиски клубови се враќаат кон УЕФА

Манчестер Сити прв официјално објави, но сега и петте останати англиски премиерлигаши тргнуваат по стапките на „граѓаните“ и го откажуваат учеството во новоформираната Суперлига на Европа.

Информацијата први ја објавија новинарите на ББЦ, според кои состанокот на 12-те клубови членки не донел никаков пресврт по случувањата во последните часови од денешниот ден. Ливерпул и Тотенхем доцна вечерва се јавија со соопштение за откажување од новото натпреварување, Челси веќе најави дека ја почнува процедурата, а истото е случај и со Манчестер Јунајтед и Арсенал.

За целата ситуација вечерва се инфомирани и претставници на УЕФА, кои со задоволство го прифатиле напуштањето на англиските тимови на Суперлигата и нивното враќање во ЕКА (Европска Асоцијација на Клубови).

Ова претставува огромен удар од кој проектот наречен Суперлига на Европа тешко дека ќе може да се опорави. Без сите англиски гиганти, како и без Баерн Минхен и ПСЖ, проектот останува со Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Јувентус, Интер и Милан, премалку за да се одржи неговата „бомбастичност“, но и атрактивност за спонзорите за буџетот на пари за учесниците да биде онаков каков што се надеваа Флорентино Перез и останатите клупски претседатели.

Се вчитува...