Бекер со порака за Ѓоковиќ: Мора да најде тренер под итно!

Новак Ѓоковиќ од вчера е веќе поранешен шампион на Ролан Гарос, а по елиминацијата на парискиот турнир, наскоро ќе биде и поранешен „број два“ во светскиот тенис. Убедливиот пораз од Австриецот Доминик Тим во четвртфиналето на Ролан Гарос, ќе го спушти српскиот тенисер на третото или на четвртото место на АТП листата.

Неговиот поранешен тренер, Борис Бекер, сега во улога на коментатор на „Еуроспорт“, голем дел од одговорноста за поразот и за падот ја припишува на тоа што Ѓоковиќ на овој меч беше без тренер, со поддршка само од семејството и од пријателите во ложата. Бекер му порача на српскиот тенисер што поскоро да ја реши таа ситуација.

„Новак ќе мора да донесе конечна одлука. Почна да работи со Андре Агаси, новиот супер-тренер. Но, Агаси не беше тука на втората недела од турнирот, кога му беше најпотребен. Новак мора да најде нов тренер за турнирите. Се зборува дека имал разговори со некои тренери кои ќе го поддржат. Но, ова мора да се реши што поскоро, а не во текот на Вимблдон, бидејќи Ѓоковиќ мора што подобро да ги искористи наредните три-четири недели“ – истакнува Борис Бекер.

Се вчитува...