Беќири: Ни требаше ваква победа за малку мир во тимот и мотив за следните дуели

Шефот на стручниот штаб на Шкендја, Јетон Беќири очекувано е задоволен од победата на неговиот тим против Брегалница со која тетовци остануваат во игра за шампионската титула.

„Нормално, задоволен сум по негативните резултати што ги имавме, три ремија во низа кои ни беа како порази. Па, очекувано имавме психолошки притисок, и затоа сум задоволен како го одигравме првото полувреме, постигнавме два гола, а потоа во вториот дел откако поведовме со 3-0 се појави самозадоволство во тимот, што навистина не треба да ни се случи. Но, ќе разговараме, ќе анализираме со фудбалерите за следниот пат да не ни се случат слични пропусти“ – вели Беќири и дополнува:

„Имаме многу квалитетни фудбалери и сега ќе бидеме во фаза од првенството каде ќе ни требаат сите фудбалери. Повреди се случуваат, картони се случуваат, планираме да направиме малку повеќе ротација и од натпревар во натпревар и за време на самите натпревари. Верувам дека секој на кој ќе му се даде можност максимално ќе ја искористи“.

Беќири нагласува дека оваа победа е за самодоверба…

„Верувам дека ни требаше ваква победа, убедлива победа со добра игра. Тоа е победа која ќе ни даде мир во текот на неделата и ќе се обидеме на следниот натпревар да дадеме се од себе и со добар настап да дојдеме до нов триумф“ – истакнува Беќири.

Се вчитува...