Беќири: Битката за титулата беше нерамноправна, подготвен сум да го докажам тоа!

Разделба после 2,5 години помеѓу Јетон Беќири и Шкендија. Тренерот кој ја освои титулата минатото првенство, и потоа го однесе тимот до европските височини, односно до најголемиот успех на меѓународна сцена на еден македонски клуб, не се договори за продолжување на соработката со тетовскиот тим.

Го даде последното интервју како тренер на Шкендија, и кажа дека оваа сезона трката за титулата била нерамноправна. Беќири истакна дека дури е подготвен да го докаже тоа.

Се заблагодари на соработката, на раководството што добил шанса да го води тимот.

„Беше голема чест и одговорност да бидам на чело на Шкендија. Благодарност до раководството на клубот, на сопственикот г-нот Лазим Дестани, на моето семејство и на компанијата Еколог кои ми ја дадоа довербата во важни моменти да го водам тимот. Искрена благодарност до сите играчи. Беа главни протагонисти на теренот, работеа со голема посветеност на секој меч за боите на клубот. Ја освоивме титулата, во Европа бевме извонредни. Оваа година како неуспех го имам поразот во финалето на Купот, додека во шампионатот имавме нерамноправна битка во трката за титулата, и подготвен сум да го оспорам ова на секого“, изјави Беќири.

Се вчитува...