Крег Белами со голем респект говореше за Македонија по триумфот над селекцијата на Лихтенштајн, со што Велс сега е израмнет со нашата селекција во пресрет на клучниот меч за второто место во групата што ќе се игра во вторник во Кардиф.
Двете селекции имаат по 12 бода, но Македонија поради подобрата гол-разлика би била задоволна и со реми, со што би останале пред Велшаните во оваа квалификациска група.
„Одевме меч по меч, го совладавме Лихтенштајн, можеби луѓето мислеа дека требаше да победиме со четири пет гола разлика, но тоа никогаш е е лесно. Најважни сепак се трите бода, па сега се фокусираме само на дуелот со Македонија. Воопшто не е лесно против овој ривал, се уверивме во тоа во оваа квалификациска група. Свесни сме дека пред нас е уште еден тежок меч, но веруваме во успех. Впрочем, на првиот дуел со овој противник во март одигравме квалитетно, креиравме одлични шанси, што уште повеќе ни ја зголемува самодовербата пред клучниот меч“, изјави Белами.
Велшкиот селектор се соочува со нови проблеми по мечот со Лихтенштајн откако капитенот Ампаду и стрелецот на победничкиот гол Џејмс заработија картони поради кои нема да можат да настапат против Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

