Беласица првиот прволигашки бод му го откина на Вардар

Беласица го освои првиот бод по враќањето во прволигашка конкуренција, играјќи 1-1 против Вардар на домашен терен во Струмица. Во Тетово, Ренова и Македонија ЃП исто така ги поделија бодовите со идентичен резултат, 1-1. Во Кратово, Силекс и Победа одиграа без голови.

Пред околу 3.000 гледачи на стадионот „Младост“ во Струмица, Беласица и Вардар одиграа квалитетен натпревар, поделувајќи ги бодовите. Во првиот дел, Тигран Барсегјан ја имаше најдобрата шанса за „црвено-црните“, излезе сам пред противничкиот голман, но не се снајде најдобро и Вујанац успеа да одбрани.

На самиот старт на второто полувреме, Евгениј Новак го доведе Вардар во водство. Јуфо во 48.минута изведе корнер од десната страна, а Украинецот со удар со глава ја затресе мрежата на Беласица.

Но, домаќинот не се предаде. Десет минути подоцна, Пепи Георгиев го проигра искусниот Зоран Балдовалиев, а тој со удар со левата нога од 12 метри го совлада Гачевски.

Во Тетово, Ренова и Македонија ЃП ремизираа, 1-1. Двата гола беа прекрасни. Во 30.минута, Фисник Нухи донесе предност за Ренова, а само пет минути подоцна, на фантастичен начин возврати Робсон да Силва. Тој по кусо проигрување од слободен удар, ’распали’ од 30 метри и погоди во горниот десен агол, за 1-1. На крајот, тоа се покажа и како конечен епилог на дуелот.

Мечот во Кратово почна со дваесетина минути задоцнување, а немаше голови.

ПРВА ЛИГА, 4.КОЛО

БЕЛАСИЦА – ВАРДАР 1-1

РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

СИЛЕКС – ПОБЕДА 0-0

ВЕЧЕРВА: РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

УТРЕ: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

Се вчитува...