Белгиецот Ван дер Хејден и Мане Манев, нови соработници на Чеде Јаневски

Белгискиот тренер Стефан ван дер Хејден, и тренерот на голманите Мане Манев, се приклучени во стручниот штаб на Вардар, што го предводи Чедомир Јаневски. Со ова, како што истакнува македонскиот првак, е комплетиран стручниот штаб на екипата за настапите во Лигата на Европа.

Стефан ван дер Хејден ќе му биде асистент на Чедомир Јаневски. Тој во минатото работеше како помошник во белгиските клубови Бриж, Локерен и Беверен. Во играчката кариера Ван дер Хејден играше во неколку белгиски клубови, а беше дел и од белгиската репрезентација.

Искусниот тренер на голманите Мане Манев се враќа на сениорска сцена, откако досега работеше во младинските категории на „црвено-црните“. Во минатото беше дел од стручниот штаб на националниот тим на Македонија и во многу македонски клубови.

Сега се очекува „проветрувањето“ да продолжи во раководството на клубот. Редно време, на пример, е Самоил Симев да си замине од клубот, и конечно конците да почнат да ги влечат вистински „вардарци“.

Дел од стручниот штаб на Вардар и понатаму остануваат Александар Влахо, Александар Васоски и Михајло Костиќ. Влахо во иднина ќе работи на скаутинг и на анализа, додека Васоски останува асистент на шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски. Михајло Костиќ работи како кондициски тренер на екипата, и се грижи за физичката подготовка на играчите.  Од клубот по три и пол години заминува Саша Илиќ, кој беше тренер на голманите, а во периодот на Сергеј Андреев помагаше и за руски превод во тимот.

Се вчитува...