Партизан направи уште еден џиновски чекор кон Топ 8 фазата од Евролигата откако вечерва во Белград го декласираше Реал Мадрид со убедливи 104-90. „Кралевите“ не се снајдоа во неверојатната атмосфера во Белград, а избраниците на Жељко Обрадовиќ бодрени од над 20.000 фанови си го трасираа патот до нов фантастичен триумф, експресно оставајќи го зад себе поразот од Барселона од пред три дена.
„Црно-белите“ успеаја да се одлепат во втората четвртина и предводени од одличните Пантер и Нанели на одмор заминаа со водство од 49-38. Третата четвртина донесе атомски напад на двете страни, Реал Мадрид постигнаа 34, а Партизан 29 поени, како најава за неизвесен финиш. Тоа не се случи бидејќи Партизан издоминира во последните десет минути, во кои „кралевите“ изгореа во белградскиот пекол, а „црно-белите“ си го трасираа патот кон четвртфиналето.
Пантер постигна 16 поеник, исто толку реализираше и Лесор, надополнети со девет скокови, додека Ексум го заврши натпреварот со 15 поени. Кај Реал Мадрид најефикасни беа Дек и Хезоња со по 17 поени.
Жалгирис славеше на домашен терен над Валенсија со 95-74, резултат со кој литванскиот гигант остана во игра за осмото место и пласман во плејофот. Лекавичиус беше одличен со 16 поени за Жалгирис, додека 15 поени за победничкиот тим постигна Браздеикис.
Монако по тешка борба триумфираше на гостувањето против Баерн Минхен со 81-84, пред се благодарение на одличниот Мајк Џејмс, кој по суспензијата од клубот се врати со 28 постигнати поени за „кнезовите“.
Олимпијакос го доби грчкото дерби против Панатинаикос со резултат 81-73, тринаесетта победа во низа на „црвено-белите“ на дуелите со омразениот ривал. „Зелените“ одлични парираа, но лидерот на евролигашката табела сепак стигна до триумф благодарение на одличниот Везенков со 19 поени и центарот Блек, кој постигна рекордни за него во Евролигата 21 поен во елитноо европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА