Белингем: Не сте свесни колку голем клуб е Реал Мадрид додека не дојдете овде

Голем дел од фудбалските ѕвезди во минатото се соочуваа со проблем со адаптација кога доаѓаа во Реал Мадрид, но тоа дефинитивно не е случај со Џуд Белингем.

Англискиот ас дојде летово од Борусија Дортмунд и експресно се наметна како лидер на тимот, постигнувајќи шест гола на првите шест средби во дресот на „кралевите“. Дел од нив беа победнички постигнати во самите завршници од натпреварите, како што тоабеше случај и вчера на дуелот со Унион Берлин во Лигата на Шампионите.

„Да бидам искрен, секогаш би избрал гол во судиското продолжение пред погодок во 15. минута… тогаш возбудата е најголема, како кај мене, така и кај навивачите на трибините. Радоста и против Унион Берлин беше огромна, неверојатно е чувството да донесете триумф кога мечот е пред самата завршница. Чест ми е што сум дел од гигант како Реал Мадрид, не сте свесни колку голем клуб е ова додека не дојдете овде. Јас отсекогаш сум бил скромен, сакам да работам и да уживам во фудбалот, да го правам тоа во дресот на најголемиот клуб во Европа е нешто неверојатно“, истакна Белингем.

Се вчитува...