Белингем за спорниот пенал: Ако кажам што мислам, ќе треба да платам многу пари

Фудбалерите на Борусија Дортмунд не можат да ја преболат елиминацијата на Челси, особено поради вториот погодок што Хаверц го постигна од сомнителен пенал, и тоа удар од 11 метри што асот на Челси два пати го изведуваше.

Џуд Белингем и на овој натпревар покажа дека е талент од светска класа, а англискиот бисер по мечот не сакаше премногу конкретно да говори за сомнителниот момент на мечот.

„Ако кажам што навистина мислам, ќе треба да платам многу пари. А веќе имам платено премногу за вакви изјави“, го почна коментарот Белингем, кој вообичаено отворено го критикува судиските одлуки и плаќа казни, како на УЕФА, така и на Германската Фудбалска Федерација.

Англичанецот сепак даде свој коментар за ситуацијата.

„Самото досудување на пеналот беше спорно… навистина имаше играње со рака, но таа го погоди откако друг играч шутираше од помалку од два метри од нашиот фудбалер. И тоа беше тешко да се проголта, а потоа давањето втора шанса… Влегувањето во шеснаесетник е нормална работа кога изведувачот на пеналот подзастанува пред да шутне, речиси секогаш некој од играчите ќе втрча предвреме. И што ќе правиме тогаш, ќе се шутира ли додека не се постигне гол“, изјави Белингем.

Се вчитува...