Бенфика го купува Кире Лазаров од Нант?

Кире Лазаров и Борко Ристовски може одново да заиграат заедно, но овој пат во дресот на Бенфика! Португалскиот тим кој во новата сезона стартува со поголем буџет и со поголеми амбици, сериозно е заинтересиран во своите редови да ги донесе и двајцата македонски репрезентативци. Трансферот на Ристовски е пред реализација, а можно е во дресот на Бенфика од следната сезона да заигра и Кире Лазаров.

Португалските медиуми ја објавија веста дека Бенфика преговара со Нант за трансфер на Лазаров на крајот од сезоната, една година пред истекот на договорот на македонскиот капитен со францускиот тим. Лазаров минатото лето се пресели од Барселона во Нант со кој потпиша договор на две години. Македонскиот капитен со францускиот тим игра во четвртфиналето од Лигата на шампионите и е блиску да обезбеди историски прв пласман на Ф4 турнирот во Келн.

Бенфика веќе има позитивно искуство со македонските репрезентативци. Во португалскиот клуб претходно две сезони настапуваше и македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски.

Доколку се реализираат најавите, тогаш Борко Ристовски и Кире Лазаров во клупската кариера по втор пат ќе бидат соиграчи. Двајцата македонски репрезентативци минатата сезона играа заедно во тимот на Барселона, а потоа Лазаров замина во Нант, а Ристовски остана и оваа сезона во каталонскиот клуб од кој си заминува летово.

Во новиот амбициозен проект на Бенфика, покрај Ристовски и Лазаров, се споменуваат уште неколку звучни ракометни имиња. Доколку не постигнат договор со Нант за трансфер на Лазаров, други опции за десната бековска позиција се норвешкиот репрезентативец Кент Робин Тонесен од Веспрем и поранешниот ракометар на Шамбери,  Босанецот Марко Паниќ кој сезонава настапува за Азоти Пулав. На левата бековска позиција пак, во Лисабон може да пристигне уште еден ракометар на Барселона. Бенфика преговара со Тунижанецот Ваел Жалуз кој на крајот на сезоната го напушта каталонскиот тим.

Се вчитува...