Бенфика шокирана во Солун, Динамо Киев го реши АЗ Алкмар

ПАОК приреди големо изненадување во квалификациите за Лигата на Шампионите елиминирајќи го тимот на Бенфика со триумф од 2-1. Трибините на стадионот во Солун беа празни, но домашните фудбалери одиграа дисциплиниран меч, ги искористија шансите што ги создадоа и го совладаа големиот фаворит.

Бенфика имаше многу повеќе од поседот на топката, но португалскиот тим не беше конкретен во своите акции, голем дел од времето мина кружејќи ја топката по средината од теренот, тактика што на крајот се покажа кобнаа за тренерот Жесус. Јанулис го отвори резултатот во корист на ПАОК во 63. минута, а откако Бенфика тргна во офанзива грчкиот состав го постигна и вториот гол, од контранапад што умешно го реализираше Живковиќ. Рафа Силва во 94. минута го ублажи поразот, но португалскиот тим немаше време за да се врати во мечот и да избегне елиминација.

Динамо Киев исто така се пласираше во финалната квалификациска рунда пред групната фаза од ЛШ откако украинскиот вицешампион славеше над АЗ Алкмар со 2-0. Слично како во Солун, исто така и во Киев победникот беше решен во второто полувреме, кога Динамо со погодоците на Родригез и на Шапаренко стигна до посакуваниот триумф.

Се вчитува...