Бензема ги спаси заспаните „кралеви“ од пораз од Челси

Првиот полуфинален натпревар од Лигата на Шампионите меѓу Реал Мадрид и Челси заврши без победник, 1-1, па патникот во финале ќе се решава на реваншот на „Стемфорд бриџ“ следната седмица. И двата тима делуваа задоволно од ваквиот исход, поголемите возбудувања денеска можеа да се проследат во првиот дел, за во вторите 45 минути и „кралевите“ и „сините“ од Лондон многу поголемо внимание да посветат на сопствениот, отколку на загрозување на противничкиот гол.

Дуелот почна со промашена стопроцентна шанса на Тимо Вернер, кој од пет метри биеше во голманот Куртоа. Белгискиот чувар на мрежата сепак беше немоќен кога Пулишиќ излезе „еден на еден“ против него, го мин и ја смести топката во мрежата. Реал не се снаоѓаше најдобро на почетокот во формацијата со тројца дефанзивци во линија, Марсело делуваше загубено на бековската позиција, а Челси доминираше на теренот. Ситуацијата се промени откако Бензема од дваесетина метри го погоди дирекот, за ншто подоцна францускиот ас да постигне фантастичен гол за израмнување.

Второто полувреме мина во далеку повнимателна игра на двата тима. Повторно Челси беше тимот што го контролираше темпото благодарение на неуморниот Нголо Канте. Сепак, како што одминуваше времето Реал се отвори, во игра влегоа Асенсио и Азар за нешто поофанзивен пристап, но сепак изостанаа стопроцентни шанси до самиот крај, па овој полуфинален дуел заврши без победник, 1-1.

Се вчитува...