Јувентус продолжува да го следи Доменико Берарди, а откако преговорите се одолговлекоа летово челниците на „старата дама“ се решени во јануари да испратат конкретна понуда со која ќе го доведат италијанскиот репрезентативец во своите редови.
Одличните настапи на Берарди токму на тешките дуели на Сасуоло против Јувентус и Интер (две победи за аутсајдерот) само потврдија дека станува збор за играч од највисока класа, каков што Јуве нема на тој дел од тимот (десна крилна позиција). Директорот Џунтоли е свесен дека токму Берарди може да биде идеално решение за проблемите на Јуве на овој дел од екипата, поради што ќе настојува веќе на почетокот од јануари да го има осигурано потписот на овој фудбалер.
Се најавува понуда од 25 милиони евра, а не се исклучува можноста и за позајмица на шест месеци, но исклучиво со клаузула за задолжителен откуп наредното лето, при што вкупната вредност на трансферот би достигнала и 30 милиони евра.
Јувентус планира дел од овие пари да ги покрие од продажбата на Филип Костиќ, Србинот кој играше сосема солидно во првата сезона во Јуве, но годинава не добива премногу шанси од тренерот Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА