Германскиот прволигаш Фуксе Берлин ќе биде значително ослабен во наредниот период по повредата што ја заработи најдобриот ракометар на „лисиците“, Данецот Матијас Гидсел. Деталните прегледи врз дланката на левата рака покажаа повреда на лигаментите, Гидсел нема да мора да оди на операција, но ќе отсуствува до крајот на годинава од ракометните терени.
Берлин е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер сезонава во Лигата на Европа на ЕХФ, а јасно е дека овој тим ослабен ќе допатува на мечот во Битола, што е закажан за 29 ноември. Во зависност од текот на рехабилитацијата, подоцна ќе се знае дали Гидсел ќе може да се опорави навреме за да настапи за Данска на претстојниот мундијал што на почетокот од следната година ќе се одржи во Полска и во Шведска.
„Ова секако е голем проблем, иако имаме широк ростер за да можеме да совладаме. Сите сме свесни за квалитетите на Гидсел, но оптимист сум дека со тимска игра ќе го надополниме неговото неиграње“, изјави директорот на Берлин, Боб Ханинг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА