Бундеслигашот Фуксе Берлин е новиот шампион на Европската лига на ЕХФ откако денеска во големото финале славеше над Гранолјерс со резултат 36-31, на фајналфор турнирот што се играше во Фленсбург. Шпанскиот тим што пред две сезони играше (и загуби еден меч) со македонскиот суперлигаш Пролет оваа сезона е апсолутна сензација во Лигата на Европа, веќе ги елиминираше бундеслигашите Фленсбург и Гепинген, но немаше сили за изненадување на денешниот дуел со Берлин.
Гранолјерс беше подобар противник во првите дваесетина минути од мечот, додека Гидсел се мачеше да влезе во ритам, а на спротивната страна Шпанците лесно ги реализираа своите напади. Клучен беше постот од 19. до 25. минута во која Гранолјерс не постигна ниту еден гол а Берлин ја претвори негативата од 7-9 во водство од 13-9. Самодовербата кај германскиот состав се искачи на највисоко ниво, па Берлин предводен од одличниот Ласе Андерсон замина на одмор со предност од 16-12.
Сите дилеми околу победникот беа разрешени уште на стартот од второто полувреме, во кое германскиот претставник експресно ја зголеми предноста (23-14), лесно го контролираше резултатот до самиот крај и заслужено триумфираше со конечните 36-31.
Ласе Андерсон со осум и Линдберг со шест гола беа најефикасни во победничкиот тим на чиј гол блескаше Дејан Милосављев, додека кај Гранолјерс прв стрелец во денешното финале беше Салниас со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА