Беше без клуб, на раб на егзистенција сакајќи да се откаже од фудбалот, а сега е рекордер во Лигата на шампионите!

Челси го освои трофејот во Лигата на шампионите откако во финалето во Порто славеше против Манчестер сити со 1-0, со голот на Хаверц во 42. минута.

Со финалниот натпревар во историјата на ова натпреварување се запиша голманот на Челси, Едуард Менди. Сенегалецот синоќа успеа да ја сочува мрежата и на тој начин да го израмни рекордот во ЛШ по број на натпревари без примен погодок.

Синоќешниот меч му беше деветти сезонава без примен гол, па го израмни рекордот на Сантијаго Канизарес од 2000/01 со Валенсија и оној на Кејлор Навас со Реал од 2015/16. Само Рен во групната фаза, Порто во четвртфиналето и Реал Мадрид во полуфиналето од ЛШ постигнаа по гол. Трофејот и рекордот ги прослави во прегратките на својата мајка.

29-годишниот Менди стана првиот африкански голман кој стигнал до Лигата на шампионите. Во Челси дојде на почетокот од сезоната од Рен за 24 милиони евра.

А, пред седум години го напушти францускиот нисколигаш Шербур и беше една година без клуб. Беше без работа, на работ на егзистенција, бараше работа во трговските центри во Франција но никој не му даваше можност. Сакаше да се откаже и од фудбалот, но во 2015 година неочекувано доби можност во Б-тимот на Марсеј од каде беше забележан од Реимс и ангажиран една година потоа. Се понатака е историја!

Се вчитува...