Беше кандидат за тренер на Вардар, стана селектор на Словенија

Ракометната Федерација на Словенија го избра новиот селектор на оваа репрезентација, откако Љубомир Врањеш заработи отказ по катастрофалното издание на ЕП 2022 во Дебрецин. Изборот на словенечката куќа на ракометот падна врз долгогодишниот репрезентативец Урош Зорман, кој ќе потпише договор со важност до јули 2024 година, а за цел ќе има да обезбеди пласман на ОИ во Париз. Зорман беше споменуван како кандидат за нов тренер на Вардар по заминувањето на Веселин Вујовиќ, во меѓувреме „црвено-црните“ го избраа Дејвис за нов предводник, а Зорман го прифати предизвикот да застане на чело на словенечката репрезентација.

Информацијата прв ја објави словенечкиот весник „Дело“, а потоа ја пренесоа и сите останати медиуми во оваа земја. Претседателот на федерацијата, Фрањо Бобинац, ги договорил сите детали од соработката и сега останува само уште официјалниот потпис на договорот и промоцијата што Зорман би требало да ја има во следните денови во Љубљана.

Младиот стратег има зад себе извонредна играчка кариера, извесно време помошник во стручниот штаб на Киелце, а од неодамна е шеф на стручниот штаб на Трими Требње.

Зорман беше дел од стручниот штаб на Врањеш во словенечката репрезентација, но се повлече во март минатата година кога Швеѓанецот по неуспехот во квалификациите за ОИ најави ремонт во националниот тим, нешто со што Зорман не се согласуваше.

Се вчитува...