Вардар патува во Норвешка без Гурбиндо и Кудуз

Анте Кудуз поради проблем со зглобот нема да биде дел од екипата на Вардар на првиот меч во Лигата на шампионите што утре се игра во Елверум, Норвешка. Во Скопје останува и Едуардо Гурбиндо, тој е пред преселба во Динамо Букурешт, а за трансферот да биде успешен тој не смее да има настап за Вардар на официјален натпревар.

Во Норвешка, пак, патуваат двете нови засилувања, браќата Оливие и Кевињ Њокас, кои вчера го официјализираа трансферот од редовите на Металург.

„Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите Ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добра првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка“, изјави Вујовиќ.

Вардар премиерниот натпревар од Лигата на шампионите против Елверум го игра утре на гостински терен со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...