БИБЛ: Еден Горјан Марковски не е доволен за славје против Ибар

Исто како и на стартот на оваа сезона, првиот натпревар во новата година беше одигран во „Перо Наков“ каде Куманово го угости Ибар во заостанатиот натпревар од второто коло во БИБЛ лигата. „Сино-белите“ во своите редови го имаа фантастичниот Горјан Марковски, меѓутоа еден расположен играч не беше доволен за победа на денешниот дуел. Гостите ја контролираа играта во второто полувреме, ги користеа грешките на Куманово и стигнаа до победа од 79-81 во неизвесна завршница која можеше да заврши со победа и за македонскиот претставник.

Куманово одлично го започна натпреварот. Преку расположената бековска позиција „сино-белите“ стигаа до лесни поени, Рејли-Рос и Марковски трчаа одлично во транзиција, а функционираше и одбраната која не дозволуваше лесни поени, па Куманово по 10 минути игра имаше предност од 27-19. До крајот на полувремето Ибар ја зацврсти одбраната, го затвори рекетот и не дозволи лесен пристп до него, а проработе и шутот кај гостите од Црна Гора, кои набргу успеаја и да ја намалат предноста на нашиот тим. Претстоеше изедначено темпо во кое се играше на мини серии па на полувремето на семафорот стоеше резултат 42-42.

Добрата игра од втората четвртина, гостинскиот состав ја пренесе и на отварањето на второто полувреме. Ибар го контролираше натпреварот и постојано беше во водство, а благодарение на подобрата игра во одбраната и офанзивниот скок на самиот крај на третата четвртина, избраниците на Мирковски успеаја да се доближат до негатива од само еден поен (63-64). На почетокот на одлучувачката четвртина иницијативата ја зема црногорскиот состав кој по две постигнати тројки и неспортска лична грешка на Грант стигна до предност од 66-72, па македонскиот состав постојано бркаше негатива, која на 17. секунди пред крајот изнесуваше 76-78. Прва шанса за изедначување на резултатот имаше Рејли-Рос, но Американецот ги промаши двете слободни фралања па следеше пенал завршницата по која Куманово доби и втора шанса за изедначување, меѓутоа најпрвин на две секунди пред крајот од тешка позиција помаши Робев, а по офанзивниот скок на Марковски топката си поигра на обрачот, но не успеа да се протне меѓу мрежичката.

Горјан Марковски беше убедливо најдобриот играч на „сино-белите“ со 33 поени и 4 скока, додека него го следеше Кори Рејли-Рос со 13 поени, 8 скока и 4 асистенции.

Се вчитува...