БИБЛ: Галил Ејлон ја продолжи агонијата на Куманово

Израелскиот претставник во БИБЛ лигата, Галил Ејлон ја потврди фаворизираната улога и славеше на гостувањето кај Куманово со 87-96. Овој пораз за „сино-белиот“ состав е воедно и петти во низа, а втор во ова првенство со што се отсликува лошата форма на кумановци во новата сезона.

Гостинскиот состав победата ја најави уште од самото отварање на мечот кога преку добрата игра во одбраната го лимитираше Куманово на само 13 постигнати поени за 10. минути игра, а во нападот реализираше двојно повеќе за резултат 13-26. Предноста на отварањето на втората четвртина се искачи и на +22 (15-37) по што Куманово заигра кошарка и успеа да ја намали негативата во еден момент и на едноцифрена (34-43), но гостинот беше оној го кој затвори првото полувреме со серија од 5-0 за водство од 34-48.

Работите не се променија ниту во второто полувреме. Израелците ја задржаа стабилноста и одиграа рутинска трета четвртина по која имаа предност од 57-72, а Куманово успеа да го ублажи поразот со подобра завршница на мечот.

Ненад Зивчевиќ беше првото име во редовите на Куманово со 33 поени на кои додаде и 4 скока, 14 поени и 4 скока додаде Џонатан Холмс, а како двоцифрени со 11, односно 10 поени натпреварот го завршија и Каплановиќ и Глигоријевиќ. Србинот додаде и 7 скока, додека Македонецот 5.

Се вчитува...