БИБЛ: Хапоел Галил е на друго ниво – убедлив пораз на ТФТ во Израел

ТФТ го забележа вториот пораз во втората фаза од БИБЛ лигата откако загуби на гостувањето во Израел против Хапоел Галил со 68-94. Домашниот состав одигра речиси перфектна прва четвртина која ја заврши со само четири промашени обиди кон кошот на македонскиот состав, притоа одигра одлично и во одбраната, а убедливата предноста не ја испушти до самиот крај на мечот.

Израелскиот состав го наметна своето темпо од самото отварање на натпреварот. Агресивната добрана на бековската линија на ТФТ ја наруши организацијата на нападот на македонскиот состав, а Хапоел умешно ги користеше сите грешки на составот од Тафталиџе на спротивната страна. Домаќините промашија само два шута за девет минути игра, па во високата реализација постигнаа 31 поени во првата четвртина. ТФТ не можеше да го пробие рекетот на домаќинот, но се одржуваше во игра благодарение на шутот за три поени каде избраниците на Смилковски постигнаа 12, од 14-те поени во првите 10 минути. Хапоел не успеа да го задржи високиот ритам до полувремето, но падот на играта на домаќините не успеа да ја искористи ниту ТФТ, кој и покрај тоа што на момент успеа ја намали предноста, не успеа да ја сведе на едноцифрена. Добрата одбрана на Израелците продолжи до крајот на 20. минута па „црвено-белите“ на полувремето заминаа со предност од +18 (50-32).

Македонскиот претставник одигра далеку подобро на отварањето на второто полувреме. Амир Смит го затвори рекетот, но ТФТ не успеа да го наметне своето напаѓачко темпо. Израелксиот состав одигра добра одбрана во транзиција и не дозволи лесни поени на „црно-белите“ па по 30. минути игра на семафорот стоеше предност од 72-51. Последната четвртина беше само формалност во која одбраната беше во втор план, а домаќините успеаја дополнително да ја зголемат предноста.

Лахланд Андерсон беше најрасположен во составот на ТФТ со 19 поени и 4 скока, додека него го следеа Бејли и Хортон со по девет поени. Тај Харис беше на чекор до дабл-дабл учинок со 8 поени и 10 скока.

Се вчитува...