БИБЛ: Ибар го најде решението за ТФТ

По двете победи на турнејата во Бугарија, ТФТ забележа пораз на гостувањето кај Ибар со 77-75. Избраниците на Боро Смилковски одиграа одлично во одбраната во првите дваесет минути од мечот кога на противникот му дозволија само 26 постигнати поени, но потфрлија во продолжението, а тоа го искористи црногорскиот состав за забележување на првиот триумф во БИБЛ лигата.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое ниеден тим не успеа да направи поголема предност од два поени па по првата четвртина на семафорот стоеше предност од 11-12 за ТФТ. Добриот ритам на „црно-белите“ продолжи и до полувремето па предноста на македонскиот состав се искачи на 26-31.

Сепак тимот од Тафталиџе не успеа да го лимитира противникот во одбраната во продолжението од мечот. Ибар блесна во третата четвртина во која нападот реализираше 35 поени, наспроти 23-те на ТФТ за превземање на водството по 30. минута игра (61-54). ТФТ успеа да ја врати резултатската неизвесност во последните десет минути, но финишот на натпреварот му припадна на црногорскиот тим кој стигна до првата победа во натпреварувањето.

Амир Смит беше првото име во редовите на ТФТ со 20 поени и 5 скока, додека него го следеше Еј-Џеј Џон со 19 поени и 7 скока. 13 поени и 6 асистенции додаде Александар Костоски, додека со 11 поени мечот го заврши Бродвеј.

Се вчитува...