БИБЛ: Ова е некоe другo Куманово, лесна победа на гостувањето против Академик

Куманово им се врати на победите откако во натпреварот од десетото коло од БИБЛ лигата славеше над Академик со убедливи 79-96. Кумановци на овој натпревар го покажаа своето вистинско лице, преку тимската игра „сино-белите“ постојано го контролираа натпреварот, се воздражаа од почетнички грешки и сосема заслужено стигнаа до победа.

Куманово успеа да го наметне своето темпо уште од самиот почеток на натпреварот. Високата реализација за два поени постојано го одржуваше тимот на Мирковски во предност, помогнаа и украдените топки од кои произлегоа лесни поени па по 10 минути игра македонскиот претставник имаше предност од 20-23. Добриот моментум „сино-белите“ го пренесоа и во втората четвртина во која Андрејевиќ лесно стигаше до поени, а притоа проработе и шуот за три поени кај Зивчевиќ па предноста на Куманово до полувремето се искачи на +6 (41-47).

На почетокот на второто полувреме во нападот на кумановци се „активираа“ Марковски и Рејли-Рос па „сино-белите“ продолжија со контрола на натпреварот. Во еден момент преку добрата игра во транзиција, избраниците на Мирковски стигнаа до предност од 53-67, но истата не успеаја да ја одржат до самиот крај на првата четвртина. Падот во играта го искористи Академик кој преку шутот за три поени и грешките на Куманово намали на 62-69 пред почетокот на одлучувачката четвртина. Куманово успеа да одолее на налетот на домашниот состав, добриот проток на топката продолжи да носи лесни поени за кумановци, кои повторно ја зацврстија одбраната. Избраниците на Мирковски во поголемиот дел од последната четвртина ја одржуваа двоцифрената предност, и стигнаа до многу значајна победа.

Кори Рејли-Рос беше првото име во македонскиот состав со 21 поен и 5 скока. Александар Андрејевиќ додаде дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока, додека како двоцифени со по 12 поени натпреварот го завршија и Горјан Марковски и Ненад Зивчевиќ.

Се вчитува...