БИБЛ: ТФТ со нов доминатен натпревар и прво славје над Куманово

Новалијата ТФТ се наоѓа во одличен ритам и со четири победи во низа е едно од најдобрите изненадувања во мак-баскетот оваа сезона. Последната победа доаѓа во натпреварот против Куманово во рамките на шестото коло од БИБЛ лигата во кое на домашен терен избраниците на Боро Смилковски сосема заслужено преку добрата игра на двата дела од теренот славеа со 83-54.

Двата тима го отворија натпревар во грч, ТФТ се мачеше да постигне поени, првите дојдоа дури по пет минути игра, но овој период не успеја да го искористат ни гостите од Куманово кои постигнаа само седум поени. ТФТ прв заигра подобро, преку Лахланд и Харис успеа да поведе по првите десет минути игра (18-15), а ритамот на избраниците на Боро Смилковски продолжи и до полувремето. Добрата игра во транзиција, потпомогната со солидниот шут за три поени, како и добрата одбрана врз високите играчи во противничкиот состав донесе голема предност од 49-25 по 20 минути игра. Кумановци се мачеа и со шутот на овој натпревар, а во првото полувреме имаа 29% реализација од поле.

Куманово заигра далеку посмирено на почетокот на второто полувреме, но не успеа и да фати ритам. Избраниците на Мирковски се мачеа да направат значителна серија и да се вратат во игра, додека пак ТФТ продолжи да го контролира натпреварот, ги користеше и грешките на противникот и стигна до предност од 69-40. Последната четвртина донесе немили настани на паркетот. Прво по лош доскок се повреди Сапунџиев, а потоа следеше и неспортско однесување по силниот прекршок над Хортон од страна на Глигоријевиќ. Сепак страстите набргу се смирија, а тимот од Тафталиџе не дозволи враќање на гостите во резултатска неизвеност.

Најрасположен во домашниот состав со 30 поени и 7 скока беше Лахланд Андерсон, додека Тајрон Харис додаде 18 поени, 7 скока и 8 асистенции. Кај гостите од Куманово, Александар Андрејевиќ постигна 15 поени и 11 скока, а него го следеа Дамјан Робев и Јован Црниќ  со по 13 поени и 7 скока, односно 3 асистенции.

Се вчитува...