БИБЛ: ТФТ со пораз од Балкан ја започна втората фаза од натпреварувањето

ТФТ доживеа пораз од 82-97 на домашен терен во првиот меч од втората фаза во БИБЛ лигата. Бугарскиот состав одигра одлична втора четвртина во која стигна до двоцифрена предност, одолеа на налетот на „црно-белите“ во третата четвртина и сосема заслужено стигна до победа.

По израмнетата игра во првата четвртина која заврши со минимална предност на гостинскиот состав (23-25), Бугарите успеаја да ја наметнат својата игра до крајот на полувремето. Балкан постигна 31 поен, наспорти 19 на „црно-белите“ па по 20. минути игра замина со позитива од 14 поени (42-56).

ТФТ одговори со одлична игра во нападот во третата четвртина во која успеа да ја врати едноцифрената негатива (67-74), но немаше сили за целосен камбек. Балкан навремено ги консолидираше своите редови, уште на отварањето на последните десет минути ја врати двоцифрената предност и приреди мирен финиш на мечот.

Ландриус Хортон беше прво име кај ТФТ со 19 поени и 8 скока, 14 поени додаде Мајкл Нвабузор, додека како двоцифрени со 12, односно 11 поени мечот го завршија и Ташовски и Бишоп. Кај гостите 21 поен и 6 скока забележа Дерик Маркс.

Се вчитува...