Славен Билиќ засега останува менаџер на Вест Хем, откако неговата екипа го совлада Хадерсфилд и ја обезбеди првата победа во Премиер-лигата за оваа сезона. „Чеканите“ славеа со резултат од 2-0 на олимпискиот стадион во Лондон, додека тимот на Дејвид Вагнер за прв пат почувствува пораз во најелитната англиска лига.
Доминантно прво полувреме на екипата на Вест Хем, иако поседот на топката припадна на Хадерсфилд. Џо Харт немаше апсолутно никаква работа, бидејќи гостинската екипа испрати само еден шут кон него, но и тој на крајот не заврши во рамките од голот на Харт, додека на другата страна одбраната на Хадерсфилд се изнамачи да ја сочува мрежата. Избраниците на Билиќ можеа да стигнат до водство во 13. минута, кога Микел Антонио создаде простор за нафрлување, Чичарито од прва се обиде да го совлада голманот на гостинскиот тим, но неговиот удар заврши во пречката.
Во вторите 45 минути Хадерсфилд даде поголем отпор, конечно го разработија и Харт, но без позериозни шанси за гол. Конечно, првото славје за Славен Билиќ и неговите фудбалери стигна во 73. минута, кога Педро Обијанг донесе предност за „чеканите“ откако неговиот удар се одби од Јоргенсен кој го смени правецот на топката, а Лусл беше немоќен во обид да го спаси својот гол. За Хадерсфилд ова е прв примен гол во нивната дебитантска сезона во Премиер-лигата, и воопшто за прв пат се најдоа во резултатска негатива по трите воведни кола. Само три минути подоцна, репрезентативецот на Гана, Андре Ају по само 10 минути откако влезе на теренот, го постигна вториот гол за Вест Хем и ги обезбеди првите бодови за неговата екипа во оваа сезона.
Вториот примен гол за Хадерсфилд беше повик за будење. Во обид да се намали разликата или воошто да се стигне до израмнување, Том Инс се најде пред голот на Харт, но неговиот удар со глава заврши во еден од одбранбените играчи на Вест хем, а потоа и во пречката, па резултатот остана непроменет до крајот на средбата.
https://www.youtube.com/watch?v=eZWdGsuUNCc
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА