Бимилк подари ново место за спорт и рекреација во Општина Карпош

Денес, 10 јули, Општина Карпош ја доби првата т.н. Balans+ Зона сочинета од повеќе фитнес-справи, која е подарок од компанијата Бимилк во знак на подигнување на свеста за спортот и за здравиот начин на живеење.

Во присуство на градоначалникот на Општина Карпош, г. Стефан Богоев, како и други претставници на општината и голем број спортисти и рекреативци, на настанот беше истакнат значајниот придонес на Битолска млекара за своите корисници и чекорите за подобрување на нивниот живот и условите во општеството, преку помагање на спортот, културата, едукацијата на младите и грижата за сите категории граѓани.

„Оваа т.н. Balans+ Зона е само уште еден доказ дека главниот фокус на нашата компанија е здравјето, и тоа не само преку обезбедување здрави млечни производи за нашите потрошувачи, туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот. Во денешново динамично живеење, од огромна важност е да остваруваме баланс помеѓу семејството, работата и времето посветено за себе и затоа веруваме дека ова спортско катче ќе помогне во остварувањето на потребниот баланс, а, меѓу другото, ќе обезбеди и уживање за сите генерации“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер во Бимилк.

„Основната порака на брендот Balans+ е поттикнување на здравата и правилна исхрана, како и балансиран начин на живот и редовни спортски активности, така што искрено верувам дека заедно со Општина Карпош, преку оваа зона, вистински ќе влијаеме за создавање здрави навики. Бидејќи среќните и здрави лица се наш мотив за секојдневно унапредување, иновирање и задржување на лидерската позиција“, додаде Јанкуловска.

Градоначалникот на Општина Карпош на отворањето го истакнува своето задоволство од соработката со Бимилк за проектот, од кој освен граѓаните на Карпош, придобивки ќе имаат и другите рекреативци на Градскиот кеј.

„Од името на Општина Карпош, ја истакнувам мојата благодарност до компанијата Бимилк. Ова е вистински пример за општествена одговорност, за подигнување на квалитетот на живеење на целокупната заедница и поттикнување на здравиот начин за живот, бидејќи примарната цел е да се развиваат здравите навики кај сите граѓани и да имаме дополнителен простор за физичка активност според сите стандарди и критериуми“, рече г. Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.

На настанот беа присутни и „Balans+ амбасадорите“, веќе етаблираниот спортски пар Искра и Жан Тосеви, како и атлетичарот и шампион Кокан Ајановски, кои на присутните граѓани и рекреативци им демонстрираа вежби за баланс и за истегнување, користејќи ги справите. Со заедничка порака, тие ги охрабрија сите жители на општината да ги испробаат справите и истакнаа дека ова спортско-рекреативно катче нуди сè што е потребно за изведување вежби за рекреација и за добар баланс, соодветни за секој што има желба да се рекреира.

Од Бимилк велат дека идејата за облагородување на овој простор со справи за вежбање, и тоа токму под брендот „Balans+“, потекнува од самиот производ, кој е верен сојузник на здравата исхрана и витата линија, обезбедувајќи совршен баланс на протеини, масти и јаглехидрати, со додаток на пробиотски култури што ги зајакнуваат имунитетот и целокупната отпорност на организмот.

Со цел вистинско подигнување на свеста за важноста од редовни физички активности, од компанијата открија дека и градот Битола наскоро ќе добие своја Balans+ Зона, а слични рекреативни катчиња најавија и за другите градови во Македонија.

Се вчитува...