Битер ги откажа Норвежаните, голема победа за Германија

Германија се врати во игра за што подобар пласман во групната фаза од ОИ, откако го доби дерби-дуелот со Норвешка со резултат 28-23. Поучени од минималните порази од Шпанија и од Франција, германските ракометари овојпат беа на висина на задачатаа во последните десет минути, пред се благодарение на извонредниот голман Јоханес Битер, кој со неколку одбранети зицери го скрши норвешкиот отпор.

Германскиот национален тим беше подобар во првото полувреме, кога предводен од голманот Волф стигна до предност од 14-11. Норвежаните не се предадоа, во неколку наврати се приближија на „минус еден“, но во клучните моменти немаа одговор за Битер. Тој одбрани четири зицери во периодот од 50. до 55. минута, на спротивната страна прецизен во нападите на Германија беше Кун, кој донесе предност од четири гола. Норвешка се обиде и со „седум на шест“, но ниту тоа не донесе пресврт, па Германците заслужено го добија овој меч со 28-23.

Генсхајмер со шест и Кастенинг со пет гола беа најефикасни во германскиот табор, додека прв стрелец на Норвешка во денешниот пораз беше Сандер Сагосен со седум погодоци.

Се вчитува...