Битка за опстанок во трката за мундијалски бараж – По триумф над Лихтенштајн!

Македонија вечерва од 20:45 часот на „Рајнпарк стадион“ во Вадуц против Лихтенштајн го игра клучниот натпревар околу финалниот тек на битката за втората позиција во Групата Ј од квалификациите за пласман на СП 2022 и можноста за изборување бараж за пласман на Мундијалот следната година.

Сосема е јасно дека составот на Благоја Милевски ја носи фаворитската улога, но сето тоа ќе мора да се потврди на терен затоа што Лихтенштајн на септемвриските натпревари потврди дека воопшто не е наивен противник.

„Не чувствуваме притисок. Задоволен сум од тоа што го работиме на тренинзите.Задоволен сум од концентрацијата и залагањето на фудбалерите. Уверен сум дека фаворитската улога од која не бегаме ќе ја оправдаме и на утрешниот натревар. Ќе бидам задоволен со победа, ама за да дојдеме до неа ќе ни биде потребна максимална концентрација. Не сакам да ги коментирам тактичките варијанти. Лихтенштајн особено на последните натпревари покажа дека се работи за цврста и добро организирана екипа, ќе треба да бидеме на најдоброто ниво“ – вели селекторот Милевски пред денешниот дуел во Вадуц.

Македонија на денешниот дуел ќе биде без еден од своите клучни играчи Енис Барди…

„Секако дека ќе ни недостига Едис Барди. Меѓутоа, сите останати кои ќе настапат, мислам и верувам дека ќе бидат на потребното ниво. Дали Ракип ќе го замени Барди, ќе одлучиме пред утрешниот натпревар поради неколкуте ситни повреди, па според тоа ќе ги одредам првите единаесет. Сите играчи кои имаа ситни повреди се под знак прашалник, ама верувам дека тие што ќе истрчаат утре на теренот ќе дадат максимум“ – дополнува Милевски.

Македонската репрезентација досега во својата историја има десет официјални натпревари со Лихтенштајн, со извојувани девет победи и само едно реми и вкупна гол разлика од 38-5. На првиот меѓусебен меч во овие квалификации Македонија во Скопје славеше со убедливи 5-0.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (20:45 ч.)

Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА

Исланд – Ерменија

Германија – Романија

Се вчитува...