Битолчани го освоија „Кале“ за перфекција по првиот дел од првенството (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Пелистер успеа да остане перфектен на домашно тло по првиот дел од сезоната откако во 11. коло на гостувањето во Скопје против ТФТ славеше со 71-74 во драматична завршница. Битолскиот состав во неколку наврати имаше и двоцифрена предност од која скопјани се враќаа, па победникот беше одлучен во последните секунди.

Пелистер најде решение во рекетот на противникот на самото отварање на натпреварот, го лимитираше ТФТ на само два постигнати поени за речиси четири минути па поведе со 2-8. Сепак тајм-аутот на Смилковски ги консолидираше редовите на домаќините кои влегоа во серија со шутот за три поени и ја вратија резултатската неизвеност по 10. минути игра (15-19). Работите на паркетот не се променија ниту до крајот на првото полувреме. Битолчани продолжија да ја одржуваат предноста, а скопјани да бркаат резултатска неизвеност. Доброто отварање на втората четвртина им донесе на „зелено-белите“ и двоцифрена предност (22-33) од која домаќините успеаја да се вратат со серија од 9-0 (31-33), но „црно-белите“ повторно немаа сили за изедначување, а Пелистер ги консолидираше своите редови, ја зацврти одбраната која дозволи само два поени до крајот на првите 20. минути за предност од 33-39.

Текот на мечот не се промени ниту во второто полувреме. Добриот ритам на Пелистер на отварањето на вториот дел од мечот донесе нова двоцифрена предност од која ТФТ експресно се врати, а со тројката на Караџовски и поените на Хогтон, битолчани повторно резултатски се одлепија пред крајот на 30. минута (53-61). Сепак избраниците на Смилковкси не се предадоа, напротив успеаја да го наметнат своето темпо во последната четвртина, да одиграат одлично во одбраната и конечно го превземаа водството (64-63). Изедначениот натпревар продолжи до самиот крај, а клучниот момент беше скокот во напад на Хогтон на 15 секунди пред финишот со кој при водство од 69-71, „зелено-белите“ останаа во напад, а прекршокот на Маслинко беше категоризиран како неспортски за Кесар и Младеновиќ од линијата за слободни фрлања да ги решат дилемите за победникот.

Виктор Ташовски беше лидер на ТФТ со 15 поени и 4 асистенции, а него го следеа Бродвеј со 14 поени, Сапунџиев со 13 и Хортон со 12. Гостите ги предводеше Малешевиќ со 17 поени, 4 скока и 4 асистенции, а како двоцифрени со по 11 поени мечот го завршија Ѓуроски и Кесар.

 

Се вчитува...