Битолска доминација во Прилеп, нова импресивна победа на Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер забележа уште една лесна и убедлива победа на домашната сцена, декласирајќи го на гостински терен тимот на Прилеп со убедливи 24-41. Охрабрени по одличното издание и победата над АЕК, битолчани одиграа беспрекорен натпревар, како и неколкуте претходни на кои избраниците на Жељко Бабиќ победникот го решија уште во првото полувреме.

Дуелот почна со експресно водство на Еурофарм Пелистер од 0-4, прилепчани првиот гол го постигнаа во петтата минута преку Шокоски, но гостите од Битола набрзина зголемија на 2-9. Битолските „фармацевти“ уште во првото полувреме имаа двоцифрена предност, на одмор заминувајќи со преубедливи 12-22. Победникот беше решен, по што во првиот дел од второто полувреме можеше да се проследи израмнета игра, за „пелистерци“ повторно да притиснат во самата завршница и на крајот да слават со убедливи 17 гола разлика.

Костески ги предводеше стрелците со 13 постигнати гола, Мараш реализираше пет, а Тибадоа четири погодоци, додека кај Прилеп најефикасен беше Тренчевски со девет гола.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер е домашниот дуел од Лигата на Европа на ЕХФ против унгарскиот претставник Татабања.

Се вчитува...