Најавуваната „фузија“ меѓу Пелистер и Работник и создавање на еден моќен ракометен колектив во Битола сепак нема да се случи летово, како што беше најавувано во изминатиот период. Кај „фармацевтите“ постои сериозен интерес за преземање на реномираниот бренд Пелистер, на оваа тема се дискутира и на Советот на Град Битола, но шансите за фузија во толку краток период се еднакви на теорија.
Челниците на Работник се подготвени да ги откупат акциите на РК Пелистер, но и доколку добијат зелено светло за такво нешто од градските власти, Битола сепак ќе остане со два клуба и во новата сезона. Работник би се натпреварувал во ЛШ и во СЕХА-лигата со моќен и конкурентен тим, додека оние играчи на кои Алушовски нема сериозно да смета би биле отстапени на една година во Пелистер. „Зелените“ веќе го пријавија настапот во Купот на ЕХФ, што е уште една пречка за „експресна фузија“.
До обединување на двата клуба во еден гигант под името Еурофарм Пелистер се очекува да се случи следното лето, кога раководството на „фармацевтите“ ќе треба да донесе и одлука дали Работник би згаснал како клуб, или би функционирал како тим во кој би се развивале младите битолски ракометни таленти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА