Битолско фијаско на премиерата во АБА

Пелистер имаше кошмарно деби во АБА2 лигата откако македонскиот претставник на премиерниот меч во регионалното натпреварување беше декласиран од Ловќен со резултат 108-85. Наспроти добрите игри на домашната сцена, овојпат зелено-белите се прикажаа во катастрофално издание, одбраната беше на најниско можно ниво, па убедливиот пораз од црногорскиот ривал беше неизбежен.

Избраниците на тренерот Илиевски успеаја да парираат само во текот на првото полувреме. Ловќен имаше контрола, „пелистерци“ во неколку ситуации накратко го преземаа водството, но пораади нефункционирањето на одбраната и прецизниот шут на противникот црногорскиот состав експресно се враќаше во позитива. Ловќен првпат посериозно се одлепи на крајот од првото полувреме, кога со шест поени во завршните триесетина секунди стигна до двоцифрено водство од 52-42. Сите надежи за камбек потонаа на стартот од третата четвртина, што Ловќен ја отвори со серија од 9-0, по што Црногорците продолжија да доминираат на теренот, во 29. минута за првпат поведувајќи и со огромни 30 поени предност (83-53).

Третата четвртина заврши со негатива на македонскиот тим од 83-56, а последниот период почна со загубена тока на „пелистерци“, веднаш потоа и неспортска лична грешка на Стајиќ под сопствениот кош. Последните десет минути минаа во израмнета игра во која Црногорците лесно го контролираа водството, на крајот изразено со конечни „плус 23“.

Малешевиќ беше најефикасен кај „пелистерци“ со 21 поен, Бојан Трајковски реализираше 20, а Кесар постигна 17 поени за македонскиот претставник во денешното катастрофално издание.

Пелистер во второто коло од турнирот на Златибор в петок ќе се сретне со екипата на Сутјеска.

Се вчитува...