БК Бучим до крај ќе го расветлува страшниот инцидент: Одговорност за сите откако младиот борач Николов беше избоден на сред меѓународен турнир во Скопје

Од Борачкиот клуб „Бучим“ од Радовиш бараат комплетно расчистување на страшниот инцидент кој пред една недела се случи на меѓународниот боречки турнир „8 Септември“ кој се одржа во спортската сала Радишани во Скопје, а организиран од БК Вардар.

Како што информираат од Управниот одбор на БК Бучим, за време на одржувањето на турнирот нивниот млад борач 17-годишниот Арон Николов бил нападнат од неколку борачи од ривалскиот клуб од БК Лирија, и избоден во ногата. Радовишани бараат комплетна одговорност од организаторите на турнирот кој бил организиран без присуство на припадници на МВР, но очекуваат и реакција и од Боречката федерација на Македонија и доживотна суспензија од борачот за напаѓачот и соодветни санкции за БК Лирија, согласно тежината на инцидентот, а ќе поднесат и приватни кривични пријави против напаѓачот.

Според информациите, во еден момент во просторот во салата каде биле борачите на БК Бучим бил нарушен јавниот ред и мир, а Арон Николов без никаква причина прободен трипати со остар предмет во пределот на бутниот мускул. По експресна реакција на претседателот на клубот, Владо Лазаров, младиот Николов веднаш бил префрлен во Ургентниот центар во Скопје а потоа сите борачи на Бучим сместени на безбедно.

Од БК Бучим се сомневаат дека нивниот борач е намерно повреден од конкурентските клубови со цел да се спречи борачот да учествува на балканските и медитеранските игри. Токму поради тоа претседателот на клубот, Владо Лазаров потенцира дека овој страшен инцидент нема и не смее да се занемари и мора да биде расветлен до крај, а антиспортистите и криминалци да бидат отстранети од спортските терени.

Во Министерството за внатрешни работи веќе е отворен случај за овој тежок инцидент, па од таму во интерес на истрагата не сакајќи да навлегуваат во детали истакнуваат дека во инцидентот најверојатно се вклучени и повеќе лица поради што се уште трае истрагата. Се очекуваат соодветни кривични пријави за сите вклучени во немилиот настан.

Еден од најталентирани македонски борачи, Арон Николов во моментов е на домашно лекување, се чувствува добро посакувајќи и очекувајќи што побрзо да се врати на спортот.

Се вчитува...