Благој Димитриев е прво засилување за Пелистер за новата сезона

Кошаркарскиот клуб Пелистер и официјално го започна реконструирањето на играчкиот кадар за претстојната сезона 2026/27. По назначувањето на искусниот стратег Тане Спасев за нов шеф на стручниот штаб, битолскиот прволигаш го претстави и првото ново кошаркарско име во ростерот, Благој Димитриев.

За 26-годишниот кошаркар ова претставува своевидно враќање во Битола, со оглед на тоа што веќе го носеше „зелено-белиот“ дрес пред неколку сезони. Димитриев во Битола пристигнува од редовите на Тиквеш, каде што ги помина изминатите дванаесет месеци. Во својата досегашна кариера, тој има настапувано уште и за екипите на Ангели и Струмица.

Управата на КК Пелистер најавува дека потписот со Димитриев е само почеток на засилувањата, а во следните денови јавноста може да очекува официјализација на уште неколку нови кошаркари кои веќе ги договориле условите со клубот.

Се вчитува...