Бламажа на МЗТ Скопје – убедлив пораз од десеткуваната Слобода

По победата на стартот на „балонот“ во Бања Лука, МЗТ Скопје го претрпе и првиот пораз откако загуби од Слобода Ужице со 67-81. Аеродромци во поголемиот дел од натпреварот беа на врвот на својата задача во одбраната, но лошата реализација во нападот, каде „сино-белите“ потфрлија во шутот за три поени (25%) и од линијта за слободни фрлања (10/22) беше клучно за пораз од српскиот состав кој на денешната средба настапи со седум играчи.

Аеродромци се мачеа да го најдат ритамот во нападот на самиот почеток на натпреварот, но одиграа одлично во одбраната, го затворија рекетот и го искотролираа скокот. Како што минуваше времето, „сино-белите“ преку добриот проток на топката дојдоа до отворени шута па поведоа со 18-15 по 10. минути игра. Избраниците на Кочов продолжија со почетничките грешки во нападот, а Слобода го искористи тоа со одлично трчање во транзиција па набргу го превзема водството (24-26). МЗТ Скопје ги консолидираше своите редови, заигра далеку подобро во организацијата на нападот, а одбраната продолжи на биде на високо ниво па „сино-белите“ повторно ја превземаа иницијативата (33-27). Аеродромци влегоа во проблем со лични грешки уште во првото полувреме, а тоа носеше поени од слободни фрлања за тимот од Ужице, српскиот состав постигна 11 поени од овој сегмент од играта па на полувремето резутатот беше изедначен (37-37).

Одбраната на „штрковите“ потфрли на отварањето на второто полувреме, „сино-белите“ дозволуваа лесни поени, а кај српскиот состав проработе и шутот од далечина па Слобода поведе со 46-53. Тајмаутот на Кочов вродли плод, МЗТ Скопје на момент заигра далеку подобро во одбраната, но продолжи агонијата во нападот. „Металците“ промашуваа зицери, потфрлија и во обидите од линијата за слободни фралања, а се тоа го користеше Слобода која стигна и до двоцифрена предност во третата четвртина (49-62). Аеродромци влегоа со одлична енергија во последната четвртина, агресивната одбрана го наруши ритамот на Слобода, па аеродромци на момент се вратија на едноцифрена негатива, но не успеаа и да продолжат со добриот напаѓачки моментум. Брзото исполнување на бонусот не дозволи да продолжи агресивноста, а тоа го користеше српскиот состав кој лесно доаѓаше до поени во рекетот на МЗТ Скопје. Добриот моментум на Слобода продолжи до крајот на дуелот па српскиот состав стигна до убедлива победа.

Хасани Гравет беше предводник на МЗТ Скопје со 22 поени и 7 асистенции, додека Феми Олуџоби додаде 19 поени и 7 скока. Како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши и Дамјан Стојановски.

Се вчитува...