Блажевиќ во елемент: Ех Срби, Срби, од вас ќе направев Хрватска

Србија разочара на овој светски шампионат, додека Хрватска е меѓу најпријатните изненадувања. Мирослав Чиро Блажевиќ секогаш е оригинален со своите ставови, па во разговор за весникот „Курир“ отворено и порача на српската спортска јавност што недостигало на оваа селекција.

„Ја знаете онаа позната реченица на Наполеон – подобро чета глувци со лав на чело, отколку чета лавови со глушец на чело. Тоа беше вашиот проблем, лидерството од клупата. Ако јас ви станев селектор, се ќе беше поинаку. Па имавте можност да ме ангажирате, но не го сторивте тоа. Ех Срби, Срби, со квалитетот што го поседувате, од вас ќе направев Хрватска, ќе игравте како што играат Хрватите на овој мундијал и ќе дотуркавте далеку“ – порачува трофејниот стратег.

Тој е оптимист и околу крајниот дострел на хрватската репрезентација на овој шампионат.

„Едвај го догледав мечот со Данска до крај, но се е добро кога добро ќе се заврши. Сега очекувам Хрватска да стане светски првак, сигурен сум дека можеме откако на онаков начин ги минавме Данците. Русите не можат да ја запрат Хрватска, а во финалето ги посакувам Бразилците, и нив да ги фрлиме на колена“ – вели Чиро Блажевиќ.

Се вчитува...