Блажевска: Кастратовиќ не си замина само поради пари, долгот ќе се врати од ваучерот

Изненадувачки делуваше утринската објава дека Зоран Кастратовиќ повеќе не е тренер на Металург, откако овој стратег го загуби трпението и реши да си замине во ситуација кога клубот имаше финансиски долгувања кон него. Претседателката на РК Металург, Зорица Блажевска, ја потврди разделбата од стратегот, но и истакна дека долгувањата кон него не биле единствено причина за заминувањето.

„Спогодбено ја раскинавме соработката со тренерот Кастратовиќ. Лично му се заблагодарив за досега сработеното, од мое име и од име на клубот. Знаев за неговото размислување да си оди веќе некое време, но оставив да ја донесе одлуката сам. Покрај финансиите, како претседател бев информирана и за други причини поради кои преовлада одлуката за заминување, ги почитувам, како и одлуката за заминување, иако лично мислам дека се може да се реши со многу одлучност. Не е лесно да се работи во овие услови, малку средства, многу нервози, но следи период од месец-два во кој како и минатата година ќе се сервисира долгот преку ваучер системот“, вели Блажевска.

Воедно, таа открива дека „металурзите“ нема да именуваат нов тренер во блиска иднина, а улогата на шеф на стручниот штаб ќе му биде доделена на Оливер Димитриоски, под чие водство клубот пред две години го победи Вардар во финалето од Купот на Македонија.

„Металург чекор по чекор успешно се движи по патот што го зацртавме при моето назначување за Претседател, на натпреварувачки но и на финансиски план. Како што најавив и претходно, останатите 30 % отприлика 140.000 евра, од старите долгови ќе бидат раздолжени до крајот на оваа година, а при стартот на новата сезона, Клубот спрема ниеден играч нема да има никакво долгување. Во овој момент нема да назначам нов тренер, првиот тим продолжува да работи со Оли Димитриоски, во кој имам потполна доверба, а досега беше помошник тренер на Кастратовиќ. Најважното во овој период е сепак да го зачуваме здравјето, очекувам негативни тестови вечерва и од утре продолжуваме со работа. Веднаш штом излезат тестовите, ќе ја известам нашата Федерација и ЕХФ и продолжуваме со натпреварувањата. Нема време за жалење, пред нас е тежок корона период кој нема да не скрши, туку напротив, ќе не направи посилни“, порачува Зорица Блажевска.

Се вчитува...