Блажевска: Котевски го знае системот на работа на Металург, ќе донесеме двајца странци

Изборот за нов тренер на Металург падна врз Игор Котевски, поранешниот македонски репрезентативец кој се враќа назад во Автокоманда откако пред неколку години работеше со втората екипа на „металурзите“.

Претседателката на РК Металург, Зорица Блажевска, е оптимистка дека со Котевски на кормилото овој тим дополнително ќе напредува.

„Игор Котевски од денеска започнува со тренинзи со првиот тим. Веќе беше дел од Металург, работеше со втората екипа, го знае системот за работа со младите играчи, верувам дека ќе биде успешен и со првата екипа. Изборот падна на Котевски, затоа што освен што е човек кој знае ракомет, кој знае да го пренесе знаењето, еден е од ретките тренери кој веројатно ги знае сите македонски играчи, во сите лиги. Јас знам да го наречам “матица” на македонски играчи и тоа се поклопува со она што заедно со Миле Бочкаровски, сакаме да го направиме за наредната сезона во двете сениорски екипи“, изјави Блажевска.

Потешкиот дел од задачата ќе биде да се пополнат дупките во играчкиот ростер што настанаа со заминувањето на дел од стандардните ракометари, поради што претседателката на Металург најавува и доаѓање на две странски засилувања.

„Во овој момент нема многу слободни мак играчи, а ние како клуб сме познати по тоа дека не “ровариме” да не кажам “крадеме” од другите клубови, односно преговараме со играчи и управа за слободни играчи, веројатно на две позиции ќе мора да донесеме странци, кои доколку се покажат квалитетни би ги задржале и за наредна сезона, па на моменталниот ростер би додале квалитетни македонски ракометари. Се надевам дека наскоро и финансиската ситуација ќе се подобри и ќе ни оди во прилог на оваа стабилизација. Останокот во Супер лига не е доведен во прашање во ниеден момент, излез во Европа оваа сезона не беше план, со оглед на тоа дека целта е финансиска стабилизација која одлично започна, но ситуацијата со Ковид 19 ја пролонгираше“, вели Зорица Блажевска.

Се вчитува...