Блажевска: Најцрното сценарио за Металург нема да се случи

Ракометниот клуб Металург е пред згаснување откако суспензијата од ЕХФ за неиграње на домашни натпревари беше пренесена и на домашната сцена, па тимот од Автокоманда беше суспендиран и од настап во Супер-лигата што требаше да ја продолжи вчера со дерби-дуелот со Вардар.

Причините за оваа суспензија се долгувањата што повеќекратниот првак на Македонија ги има кон поранешни тренери и ракометари, кои правдата ја бараа преку ЕХФ и таму го добија спорот со „металурзите“.

Претседателката на Металург, Зорица Блажевска вели дека и покрај тоа што многу сакаат да се случи црно сценарио и Металург да згасне, тоа нема да се случи.

„Ќе го споменам црното сценарио. Доколку не успееме и Металург е исфрлен од Суперлига, тоа не значи дека Металург ќе згасне. Тој ќе продолжи да функционира преку Металург РА. Ќе почнеме од Првата лига, но тоа не е страшно. Многу клубови почнале од Прва лига па сега имаат одлични тимови. Ако тоа е црното сценарио Металург нема да згасне. Сите тие што тријат раце минатите месеци дека ќе ни ги земат играчите, дека ќе ја земат салата ќе морам да ги разочарам, Металург ќе продолжи. Најголеми губитници ќе бидат оние кои играле, а имаат побарување и треба да бидат исплатено. Доколку Металург испадне од Суперлигата, најголеми губитници ќе бидат играчите“, изјави Блажевска. 

Останува да видиме дали ќе успее поранешниот шампион на Македонија да се спаси од целата ситуација или повторно како и многу пати во македонскиот спорт ќе продолжи да работи со ново име, нешто што го најави токму претседателката Блажевска.

 

Се вчитува...