Блажевски: Еден гол во мрежата на Фенер многу ќе значи!

Ако по нешто се препознава македонскиот шампион ова лето на европската сцена тоа сигурно е реализацијата на секој дуел во квалификациите за ЛШ и последниот против Фенербахче во Скопје.

Против Малме, Копенхаген и Фенербахче, „вардарци“ на секој натпревар постигнуваа најмалку по еден гол, вкупно на пет дуели дури осум пати тресејќи ја противничката мрежа… „Црвено-црните“ по еднаш погодија и на гостувањата во Малме и во Копенхаген, па крилниот офанзивец Дејан Блажевски се надева дека и сега ќе биде така.

„Ние ниту тука во Истанбул нема да бегаме од определбата да ја затресеме противничката мрежа. Така беше во Скопје, и така ќе биде и на реваншот. Ќе се обидеме и најмалата шанса да ја искористиме за погодок. Јасно е дека сега еден гол во мрежата на Фенербахче многу ќе значи за нас“ – рече на прес-конференцијата Блажевски, нагласувајќи дека сите фудбалери се максимално подготвени за предизвикот.

„Атмосферата во тимот е одлична, сето тоа ни носи надеж за позитивен резултат утре и пласман во групите од Лигата на Европа, иако сите знаеме дека не чека исклучително тежок натпревар во пеколен амбиент. Но, секако ние ќе дадеме се од себе да стигнеме до историја за Вардар и македонскиот фудбал!“.

Се вчитува...